Шпанскиот фудбалски стратег Пеп Гвардиола (52) е кандидат да седне на клупата на Бразил, кој е без селектор по елиминацијата од Хрватска во четвртфиналето на Светското првенство 2022 во Катар.
Бразилските медиуми наведуваат денеска дека Гвардиола избил на врвот на листата кандидати по незавидната ситуација во која се најде англискиот првак Манчестер сити.
Премиер лигата пред неколку денови објави дека доставила до независна комисија повеќе од 100 обвиненија на адреса на Манчестер сити за наводно кршење на правилата на финансискиот ферплеј во периодот од 2009 до 2018 година.
Доколку биде прогласен за виновен Манчестер сити може да биде исфрлен од Премиер лигата, а можно е, исто така, да му бидат одземени освоените титули и да му биде изречена висока парична казна.
Гвардиола, кој го тренира Манчестер сити од 2016 година, лани изјави оти ќе поднесе оставка ако евентуално дознае дека клупското раководство го лажело околу финансиите.