Јапонија денес ја одбележа 78-годишнината од американското атомско бомбардирање на Хирошима, при што градоначалникот на овој град повика на укинување на нуклеарното оружје и ја нарече идејата на лидерите на Г-7 за нуклеарно заплашување како – „лудост“.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, ја изрази својата поддршка. „Сенката на нуклеарната војна повторно се појави сега кога некои земји се закануваат дека ќе употребат нуклеарно оружје“, вели тој во својата порака по повод годишнината.
„Светските лидери го посетија овој град, ги видоа неговите споменици, разговараа со неговите храбри преживеани жители, а потоа се охрабрија да се залагаат за нуклеарно разоружување. Тоа треба да го сторат повеќе, бидејќи тапаните на нуклеарната војна повторно чукаат“, вели тој.
Антонио Гутереш нагласи дека – „елиминацијата на нуклеарното оружје останува највисок приоритет на Обединетите нации во разоружувањето“. „Единствениот начин да се елиминира нуклеарниот ризик е да се елиминира нуклеарното оружје“, вели тој и заклучува: „Нема да застанеме додека не се отстрани нуклеарната сенка еднаш засекогаш“.
Сепак, тој никогаш не ги спомна САД како земја одговорна за бомбардирањето. „Пред речиси осум децении, нуклеарното оружје ја запали Хирошима. Сепак, како што знае секој кој ја посетил, сеќавањата никогаш не бледнеат. Обединетите нации гордо стојат со луѓето од Хирошима и Хибакуша (термин што генерално се однесува на луѓето погодени од атомските бомбардирања на Хирошима и Нагасаки на крајот од Втората светска војна) да го зачуваме сеќавањето на она што се случи овде и лекциите што човештвото мора да ги научи ако сакаме да обезбедиме помирна иднина. Со нетрпение очекуваме да работиме со народот на Јапонија во овој витален потфат“, заклучи првиот човек на ОН без да ги спомене САД.