Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш во четвртокот предупреди дека „дојде доба на глобално вриење“, бидејќи јули ќе биде најтоплиот месец досега забележан на Земјата.
„Климатските промени се тука. Тоа е страшно. И тоа е само почеток. Ерата на глобалното затоплување заврши. Ерата на глобално вриење пристигна“, изјави Гутереш за новинарите во седиштето на ОН во Њујорк.
Тој рече дека лидерите мора да водат и дека нема веќе двоумење, изговори и чекање други да тргнат први, бидејќи нема време за тоа.
Според податоците на Светската метеоролошка организација и Службата за климатски промени Коперник при Европската комисија, јули е на пат да биде најтоплиот месец досега.
Податоците покажуваат дека највисоката температура на океаните за овој период од годината е забележана во јули.
Гутереш рече дека е можно да се ограничи зголемувањето на глобалната температура на 1,5 Целзиусови степени и да се избегнат најлошите климатски промени.
Парискиот климатски договор постигнат во 2015 година има за цел да го ограничи глобалното затоплување на многу под два степени, по можност 1,5 степени Целзиусови, до крајот на векот со цел да се бори против климатските промени.
„Ни требаат амбициозни нови национални цели за намалување на емисиите од членките на Г20“, рече Гутереш.
Тој ги повика компаниите, градовите, регионите и финансиските институции да дојдат на самитот за климатски амбиции со веродостојни планови за транзиција.
„Доказите се насекаде: човештвото го иницираше уништувањето. Ова не треба да предизвика очај, туку акција. Сè уште можеме да го запреме најлошото“, додаде тој.