Генералот Сергеј Суровикин, заменик-командантот на руските воени операции во Украина, знаел дека водачот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, планира бунт против военото раководство на Русија, објави во вторникот New York Times.
New York Times се повикува на американски претставници запознаени со американското разузнавање за бунтот на Евгениј Пригожин и наведува дека – „официјалните лица се обидувале да откријат дали генералот Сергеј Суровикин, поранешниот врховен руски командант во Украина, помогнал во планирањето на акциите на Евгениј Пригожин минатиот викенд“.
Евгениј Пригожин замина во егзил во Белорусија во вторникот според договорот со кој заврши кусиот бунт на неговите борци од групата Вагнер во текот на минатиот викенд, додека претседателот Владимир Путин ги пофали неговите вооружени сили за избегнување на граѓанска војна.
New York Times објави дека американските власти, исто така, рекле дека има знаци дека и други руски генерали можеби го поддржувале Евгениј Пригожин.
Медиумската агенција Reuters не можеше независно да го потврди извештајот на американскиот весник.
Пентагон се уште нема одговорено на барањето на Reuters за коментар. Кремљ и Министерството за одбрана на Русија, исто така, немаат одговорено на прашањата на Reuters.
Сергеј Суровикин, кој руските медиуми го нарекуваат и како „Генерал Армагедон“, во октомври беше ставен на чело на операциите во Украина, но во јануари рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го назначи началникот на Генералштабот Валери Герасимов да ја надгледува ситуацијата на фронтот, а Сергеј Суровикин стана негов заменик.
Пред да започне бунтот, Евгениј Пригожин јавно се противеше против Сергеј Шојгу и Валери Герасимов, обвинувајќи ги за неуспехот на кампањата и недостатокот на армиска поддршка за борците на Вагнер.
Сергеј Суровикин ја повика групата на Вагнер да се откаже од бунтот против военото раководство и да се врати во своите бази непосредно пред Евгениј Пригожин да ги поведе своите борци на т.н. „марш за правда“ кон Москва во саботата минатата недела.