Геополитика или технолошка војна: Западот против ТикТок

Армијата на Шведска им забрани на вработените да ја инсталираат кинеската апликација ТикТок на службените уреди со што им се приклучија на повеќе западни држави чии институции и владини служби го стегаат обрачот околу популарната мобилна апликација за споделување кратки видеа.

Од неодамна САД, Европската Комисија, Холандија, Велика Британија, Канада, Норвешка, Франција и Нов Зеланд ја забранија апликацијата на службените уреди поради сомнежи дека податоците може да ги искористи комунистичката влада на Кина.

Главната загриженост на државите е дека Кина може да ги искористи податоците за ширење дезинформации.

Како што забраната се проширува, дел од медиумите меѓу кои и Би-Би-Си побараа од нивните вработени да го користат ТикТок само доколку има оправданост за работата. Данската радиодифузија ДФ стана прв национален сервис со целосна забрана на апликацијата за службена употреба.

ТикТок е во сопственост на кинеската компанија БајтДенс и е достапна во 150 држави со околу 1 милијарда активни корисници. Во споредба Фејсбук има 2.9 милијарди корисници и Јутјуб има 2.2 милијарди корисници.

Лош ПР

Загриженоста на Западот според Мет Навара експерт за социјални медиуми, не се должи само затоа што апликацијата собира податоци за корисниците и нивните уреди бидејќи тоа не е карактеристично само за ТикТок бидејќи и останатите друштвени мрежи функционираат на сличен начин.

За САД и останатите западни земји грижите произлегуваат од обичната претпоставка дека постои можност кинеската влада да ги искористи податоците како алатка за пропаганда или да собира информации за видни личности особено на високо позиции во државните институции и приватните компании.

Заканата не се применува кај друштвените мрежи и нивните матични компании како Фејсбук на Мета или Твитер, додава Навара.

„ТикТок е фатен како прави работи што ги зголемија сомнежите во платформата. На пример, користење на алатката за следење на локацијата на новинари во САД“.

Иако TikTok тврди дека ги отпуштил „одметнатите вработени“ кои собирале кориснички податоци, не направи доволно за да го смири Западот. Кинеската влада одделно негираше дека некогаш побарала од компаниите да ги предадат податоците собрани во странство.

„Ова беше многу лош ПР, иако ТикТок ги нарече овие луѓе одметнати вработени кои дејствувале по сопствена волја“, вели тој.

„Овие иницијативи имаат ефект на лавина, и веројатно ќе видиме многу повеќе земји и големи организации како Би-Би-Си да спроведуваат некакви ограничувања за нивниот персонал, особено ако САД решат да продолжат со забраната на национално ниво.

Конфронтации како од Студената војна

„Можеби постои легитимна загриженост за безбедноста“, смeта геополитичкиот аналитичар Џефри Милер.

Тој вели дека апликацијата е под лупа делумно поради успешноста и популарноста меѓу младите корисници. Но, исто така смета дека одлуката за забрана треба да се донесе на принципиелна основа и не затоа што апликацијата е популарна и со сегашниот успех.

„Западните држави и компании исто така имаат корист од конкуренцијата која ја поттикнуваат апликации како ТикТок“, додава тој.

Според Милер, зголемената популарност на ТикТок предизвика технолошка војна во сенка меѓу двете суперсили, бидејќи геополитичките тензии меѓу Кина и САД се засилуваат.

Тој вели дека оваа војна се води на повеќе нивоа, вклучително и забраната на САД за пренос на технологија за производство на полупроводници во Кина.

„За возврат, овие потези само веројатно ќе ја поттикнат решителноста на Кина за поголема самоодржливост и намалена соработка со Западот. Може да се повлечат паралели со „вселенската трка“ меѓу САД и Советскиот Сојуз за време на Студената војна“, вели тој.

„На крајот на краиштата, оваа нова технолошка битка меѓу Кина и САД само ќе не доближи до конфронтација во стилот на Студената војна што повеќето би сакале да ја избегнат“.

Навара исто така смета дека кампањата против ТикТок ќе ги влоши дипломатските и економските односи меѓу двете суперсили, бидејќи апликацијата е една од најуспешните на кинеската технолошка индустрија и значаен дел од извозот.

„Ако САД спроведе ограничувања и рестрикции со кои потенцијално ќе го присили БајтДенс да го продаде ТикТок тоа нема да биде позитивно оценето од кинеската влада“, додава Милер.

САД го удвојува влогот

Минатиот месец Белата куќа ги информираше федералните агенции дека имаат 30 дена да ја отстранат апликацијата од службените уреди. Некои агенции, како што се Одбрана, Домашна безбедност и Стејт департментот, веќе имаа воспоставено ограничувања.

„Администрацијата на Бајден и Харис инвестираше многу во одбраната на дигиталната инфраструктура на САД и оневозможување пристап на странски непријателски сили до податоците на американските граѓани“, изјави Крис де Руша, федерален главен офицер за информациска безбедност.

Со засилена глобална кампања против ТикТок, Шу Зи Чу главниот изврешен директор на компанијата беше повикан и да сведочи пред Конгресот на САД каде американските законодавци агресивно го испрашуваа за наводните врски со кинеската влада и правилата за заштита на податоците.

Чу во петчасовното сведочење постојано негираше дека компанијата БајтДенс е во сопственост или под контрола на кинеската влада и тврдеше дека сите податоци се безбедни.

ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН