Георгиев: Уставните измени не се единствен услов

Бугарија не се гледа себеси како пречка за преговорите на Македонија со ЕУ бидејќи според толкувањата таму, условот што треба да го исполни нашата земја е на Брисел, а не на Софија, т.е. е плод на европски консензус.

„Од наша страна, мислам дека нештата се кристално јасни. Ние нема ниту да промениме нешто во нашето мислење, ниту пак има нешто што ќе го отфрли т.н. европскиот консензус кој беше постигнат во 2022 година. Оттука натаму се што би можело да биде направено како заеднички принос на сите држави кои сме се обединиле околу тој европски консензус – е добредојдено. Но треба да се знае дека членство во ЕУ базирано на заслуги е еден фундамент на целата ЕУ, околу кој и ние како Бугарија сме се усогласиле пред 20 години, кога сме биле во нашиот процес на европска интеграција. Тоа го очекуваме и од останатите“, изјави бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев во емисијата „Брисел 1“ на ТВ Бугарија ON AIR.

Тој исто така нагласи дека “уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот како државотворен народ не е единствениот услов“. Како што рече, ова го посочува во случај да постои евентуална цел – доколку уставните измени се случат, а потоа се јават и останатите услови од европскиот консензус – дека тогаш некој може да каже „ете, ви кажавме ли дека Бугарите немаат предвид само едно нешто“.

„Прво, не се Бугарите, туку е Брисел. Целата ЕУ стои зад тој консензус. Тоа е многу важно и е услов кој треба да се повторува постојано. И второ, во тој европски консензус се и протоколите, патната карта за заедниците и малцинствата, придржувањето кон договореното за доброседството… Сето тоа треба да биде факт. Во спротивно, нема да има исполнување на европскиот консензус, нема да има исполнување на заклучоците од Советот. А додека тоа не е факт, нема да може да се пристапи кон отворање на првиот кластер кој се однесува на човековите права. Откако ќе видиме уставни измени, се надеваме, да – тоа тогаш ќе го отвори патот и почнува процесот, кон кој, природно, се пристапува со она што го кажав – базирано на заслуги. Државата која е кандидатка за член на ЕУ треба да ги исполнува условите кои самата Унија и ги поставува. И во тоа нема никаква билатералност, нема никакво отворено меѓудржавно прашање, туку напротив, тоа се однесува на процесот на присоединување“, рече Георгиев.

На оценката на водителката дека „овој аспект отсуствува од дебатата во Скопје, каде пред македонското општество уставните измени се претставуваат како единствен, а не како прв услов“, Георгиев вели дека тој постојано посочувал на тоа.

„Затоа постојано им напоменувам и на колегите, сосема добронамерно, навистина не сакам да помислам дека тоа се прави тенденциозно, со некоја задна мисла. Напротив, си има црно на бело многу јасно поставени услови, низ кои поминува процесот“, изјави тој.

Прашан дали се променило нешто во однoсот по помошта што Бугарија ѝ ја пружи на Македонија по трагедијата во Кочани, Георгиев потенцираше дека „претпочита таа тема да не биде во контекст на политички разговор“.

„Сè што направивме, направивме од срце, без евентуално барање на некаква потенцијална политичка дивиденда. И политичарите се луѓе, така што, ако кај нив тоа оставило некаков чисто човечки печат, сигурен сум дека ќе биде видливо и во нивните политички дејства. Важно е да се знае дека Бугарија постапи по совест и сметаме дека тоа е правилното, потребното, цивилизираното. Не само затоа што сме соседни земји, не само затоа што сме братски народи, туку затоа што таму имаше луѓе на кои им требаше помош, покрај кои не можевме да поминеме со невнимание“, рече тој.

Споед министерот, од тоа се раководеле и бугарските лекари, и оние кои биле на терен, и оние кои во болниците продолжуваат да се грижат за повредените. Прашан за долгите редици бугарски граѓани кои даруваа крв, редици какви што немало во другите земји кои исто така примија повредени, рече дека тоа е сигнал сам по себе, без потреба посебно да се објаснува.

„Сите видоа каква е реакцијата на бугарскиот народ, севкупно, не само како институции, како држава, па ако сакате и како приватни комании. Затоа што имаше еден мобилен опратор кој на семејствата на повредените што се лекуваат во Бугарија им достави апарати со сим картички, за да можат да разговараат бесплатно меѓу себе и со роднините од другата страна на границата. Овде има едно длабоко хумано разбирање и однос кон настанатата ситуција и мене лично како Бугарин тоа ме прави да се чувствувам многу горд, со реакцијата на мојот народ и на мојата држава“, изјави шефот на бугарската дипломатија.