Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес, во рамките на работната посета на Грција, се сретна со шефот на грчката дипломатија, министерот Јоргос Герапетритис.
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија соопшти дека министрите изразиле задоволство од денешната средба, во време кога двете страни се посветени на подобрување на односите меѓу двете земји. Тие имале отворен разговор и размена на мислења за повеќе прашања од заеднички интерес.
На средбата, Муцунски изрази искрена благодарност за солидарноста што Грција ја покажа за време на трагедијата во Кочани и неодамнешните вонредни ситуации кај Дојран.
„Ова не беа само гестови на помош, туку вистински акти на пријателство“, нагласи Муцунски, соопшти Министерството за надворешни работи.
Како што е објавено, на состанокот се разговарало и за безбедноста – како на регионално, така и на глобално ниво.
Беше потврдено заедничкото дејствување во рамките на НАТО и потребата од тесна координација во овие неизвесни времиња. Во исто време, министрите се осврнаа на процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија. Во овој поглед, министерот Герапетритис ја нагласи силната поддршка за нашиот пат на европска интеграција.
„Сакам уште еднаш да ја нагласам поддршката на Грција за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, врз основа на утврдената условеност и принципот на сопствените заслуги, со посебен фокус на фундаменталните критериуми“, додаде грчкиот министер Герапетритис, соопшти МНР.