ГЕРАПЕТРИТИС: НОВИОТ ПОЛИТИЧКИ И ДРЖАВЕН ШЕФ НА МАКЕДОНИЈА СИСТЕМАТСКИ ГО ПРЕКРШУВА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА

Ставот дека „шефот на државата Македонија систематски го прекршува Договорот од Преспа“, во писмена изјава за денешното издание на весникот „То Вима“ изрази грчкиот министер за надворешни работи Јорго Герапетритис. по повод завршувањето на Самитот на НАТО, велејќи дека на состанокот на Алијансата била спомената и потребата од почитување на Договорот, јави дописникот на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија истакна дека „Грција претставува столб на стабилност во поширокиот регион на источниот Медитеран, значително зајакнувајќи го својот дипломатски капитал благодарение на принципиелната надворешна политика што ја спроведува“.

„Грчката страна го истакна прашањето за одлучноста на сите членки на НАТО кон меѓународното право и меѓународните договори, кои претставуваат основа на глобалната безбедносна архитектура. Посебен акцент беше ставен на задолжителното и доверливо почитување на Договорот од Преспа, чиешто јадро систематски го нарушува новиот политички и државен врв на Македонија“, вели Герапетритис во писмената изјава за весникот.

Воедно, тој нагласи дека на јубилејната конференција на НАТО „се покажа убедувањето дека Северноатлантската алијанса врши важна работа за стабилност и просперитет, придонесувајќи за безбедноста и мирот во светот“, став, според кој таа го споделуваат не само членките на Алијансата, туку и претставниците на ЕУ.

Герапетритис утре во Министерството за надворешни работи на Грција ќе ги информира лидерите и претставниците на политичките партии кои се дел од Парламентот за теми поврзани со надворешната политика.