Герасимовски: Забраната за мобилни во основните училишта во Центар функционира одлично

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека забраната за употреба на мобилни телефони за време на наставата функционира одлично во сите осум основни училишта.

„Забраната за користење мобилни телефони за време на часовите дава резултати. Оваа мерка ја имплементираме две години во основното училиште “Св. Кирил и Методиј” и има бенефит. Учениците, целосно се посветуваат на учењето и се подобрува квалитетот на образовниот процес. Со препораките коишто ги прифатија сите осум основни училишта во Центар обезбедуваме подобри услови во учењето и придонесуваме за развој на позитивна училишна атмосфера. Со редуцирање на употребата на мобилните телефони за време на часовите, учениците ќе се научат на важноста на личната дисциплина и ќе имаат поголема социјализација со своите врсници.”, истакнува Герасимовски.

Општина Центар е првата општина во државата што почна со имплементирање на ваква мерка.

Препораките за забрана на користење на мобилните телефони се прифатени и во образовниот процес во дел од европските земји.