Општина Центар и Јавната здравствена установа-Здравствен дом Скопје денеска потпишаа Меморандум за соработка за реализирање на јавно-здравствени проекти кои се од општествен интерес.
-Партиципација на прегледите е 20 денари. Планот на активности во овој Меморандум опфаќа услуги за офталмолошки и стоматолошки прегледи се наменети за децата што ќе се запишат во прво одделение во основните училишта во Општина Центар во учебната 2023/2024 година. Во Законот за основното образование е предвидено при упис во училиште да се доставуваат и потврди за офталмолошки и стоматолошки прегледи, се анведува во соопштението од Општина Центар.
Меморандумот за соработка го потпишаа градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски и организацискиот директор Вулнет Селими.
-Намената на овие прегледи е добивање потврди при запишување во прво одделение на децата од големите групи од центарските градинки: „13 Ноември“, „Раде Јовчевски Корчагин“ и „Кочо Рацин“. Со овие прегледи децата се здобиваат со ран скрининг и рана детекција при евентуално оштетување на видот со што значително може да помогне во третманот доколку е потребен. Освен што раните стоматолошки прегледи го спречуваат добивањето на орални болести и дејствуваат превентивно за настанување на кариес, исто така значајни се и за едукација на оралното здравје и формирање здрави навики од рана возраст, изјави Герасимовски.
Општина Центар ги известува родителите дека ќе можат да ги однесат своите идни првачиња во Поликлиниката „Букурешт“ веќе од оваа недела. Прегледите за вкупно 571 дете од најголемите групи од центарските градинки ќе траат од 6 до 13 април 2023 година, секој работен ден во период од 14 до 19 часот, а во сабота од 8 до 14 часот. За подетални информации сите заинтересирани родители може да се јават во Општина Центар на телефонскиот број 075 219-173 и во Поликлиника „Букурешт“ на 02/3064-088. Овој Меморандум за соработка е во насока да се унапреди здравствената заштита кај децата во Општина Центар.