Еден ден по почетокот на протестот на фармерите, кој се очекува да кулминира со големиот собир во Берлин на 15. јануари, германскиот министер за земјоделство Џем Оздемир изрази разбирање за демонстрантите, а истовремено повика на прифаќање на изменетиот владин план. Имено, под притисок, германската Влада се согласи на помали кратења на земјоделските субвенции од првично планираните, но тоа не ги задоволува земјоделците.
„Можам да разберам дека многу земјоделци се уште велат дека тоа не им е доволно. Тоа е нивно право“, вели политичарот од редот на Зелените.
Канцеларот Олаф Шолц не отстапува од планот, јавува ARD, и покрај критиките што во понеделникот дојдоа од истакнати членови на неговата СПД. Во овогодинешниот Буџет Владата планираше уште поголеми заштеди на сметка на субвенциите за земјоделството, но првичните планови беа омекнати по неговите предупредувања.
Она што останува е укинување на даночните ослободувања за возилата, а зелените субвенции за дизелот се укинуваат до 2026 година. Поранешната министерка за земјоделство Ренате Кунаст повика на промени во субвенциите.
„Земјоделството е во криза со децении“, изјави таа за весникот на медиумската групација Funke.
Таа се залага и за постепено укинување на субвенциите, но во дијалог со земјоделците. Стравувањата дека протестите ќе бидат искористени од екстремната десница засега не се исполнети.
Канцеларот Олаф Шолц (СПД) вели дека и покрај протестите, тој сака да се држи до плановите за штедење.
„Федералната Влада стои зад тоа“, вели Олаф Шолц и додава: „Веќе долги години критичарите ги напаѓаат владините субвенции за земјоделците“.
Таква беше критиката на лидерот на опозициската демохристијанска партија, Фридрих Мерц, во понеделникот:
„Не ја поддржуваме владината одлука, но кратењата се неизбежни во иднина“.
Владиниот портпарол Штефен Хебестрајт изјави дека Владата не размислува за нова буџетска промена во земјоделскиот сектор.
Сепак, неколку премиери на германски покраини јавно повикаа на целосно поништување на буџетските кратења во земјоделството. Тие се претседателот на Владата на Мекленбург–Западна Померанија, Мануела Швесиг, премиерот на Сар, Анке Релингер и премиерот на Долна Саксонија, Стефан Вајл – сите тројца се социјалдемократи.
Помали блокади беа најавени за вторник, еден ден откако илјадници земјоделци, возачи на автобуси и камиони ги блокираа градските улици и влезовите на автопатите во многу делови на Германија. Во среда почнува штрајкот на железничарите кој треба да трае до петок. Синдикатите на машиновозачите најавија продолжување на штрајкот од 2023 година во жесток спор со главниот национален железнички оператор „Дојче Бан“ (ДБ) за работното време и платите. Божиќното примирје сега истекува.
Централното прашање е барањето на синдикатот да се намали работното време за оние кои работат во смени од 38 на 35 часа неделно, без намалување на платата. Тие бараат и покачување од 555 евра месечно плус еднократна исплата до 3.000 евра за инфлација. Раководството на ДБ нуди покачување од 11 отсто. Штрајкот на машиновозачите е предвидено да трае од 2 до 17 часот во петок, додека товарните работници ќе престанат со работа во вторник во 18 часот. ДБ побара од патниците да избегнуваат несуштински патувања за време на штрајкот. Ќе бидат погодени регионалните и меѓународните возови, како и градските линии.
Германската економија, најголемата во Европа, минатата година беше најслаба од големите членки на еврозоната, поради високите трошоци за енергија, рекордно високите каматни стапки и падот на глобалната побарувачка. Владата на Олаф Шолц потоа претрпе голем удар во ноември кога највисокиот германски суд го отфрли Буџетот за 2024 година, оставајќи дупка од 17 милијарди евра. Обидот да се закрпи таа дупка е кратење на субвенциите за земјоделството.
Меѓународниот монетарен фонд предвидува дека Германија ќе биде единствената економија од Г-7 што ќе доживее пад во 2023 година и дека ќе забележи раст од 0,9 отсто во 2024 година, што е далеку под просекот за развиените земји од 1,4 отсто. Скратувањето на Буџетот за 17 милијарди дополнително ќе ја повлече економијата надолу, оценува медиумската агенција Reuters, а три водечки германски економски институти ги намалија своите прогнози за економски раст за 2024 година поради буџетската криза. На тој начин Ifo очекува германската економија следната година да порасне за 0,9 отсто година наместо 1,4 проценти.