Германија: Европските сојузници во НАТО ќе ги зголемат трошоците за одбрана

– Европските сојузници во НАТО ќе ги зголемат своите воени трошоци за праведно да го поделат товарот на двете страни на Атлантикот, изјави денес германскиот министер за одбрана Борис Писториус.

Зборувајќи со новинарите за време на министерскиот состанок во седиштето на НАТО, Писториус рече дека ќе се фокусира на подготовките за претстојниот самит на Aлијансата во Вашингтон следниот месец.

„Нашата заедничка цел е да обезбедиме НАТО да биде во позиција да го брани секој квадратен сантиметар од својата територија, секогаш кога е потребно. Мора да имаме силно одвраќање, а за тоа придонесуваат сите членки на Aлијансата“, нагласи германскиот министер.

Писториус потврди дека Германија, најголемата европска економија, значително ќе ги зголеми своите воени трошоци оваа година за да ја исполни целта на НАТО да потроши два отсто од бруто-домашниот производ на нацијата за одбрана.

„Ние си ја вршиме домашната задача, сите знаете дека оваа година ја постигнуваме целта од два отсто, првпат по повеќе од две децении. Повеќето од другите европски сојузници на НАТО, дваесетина од нив, ќе ја достигнат целта од два отсто“, истакна Писториус.

Тој додаде дека тоа е важна порака до сите партнери во НАТО, особено до американскиот сојузник.

„Европа дава резултати, Европа го прави својот дел од заедничката одговорност“, рече Писториус.