Падот на цените на недвижностите во Германија е најдрастичен во последните 60 години: во изминатата година становите поевтинија за 8,9 отсто, семејните куќи за 11,3 отсто, додека цената на станбените згради падна за цели 20,1 проценти. Доколку овие бројки се прилагодат на инфлацијата, падот би бил уште позначаен, зголемен за околу пет процентни поени, објави германскиот институт за светска економија (IfW) од Кил.
Сепак, од 2009 година, цените на недвижностите се зголемија три до четири пати, пишува Der Spiegel, пред да започне остриот пад во 2022 година. Првиот човек на IfW, Мориц Шуларик, затоа посочува дека големиот пад на цените всушност не е загрижувачки за економијата.
„Со оглед на преголемиот раст на цените во изминатите десет години и новото опкружување на каматните стапки, фазата на корекција на цените е секако соодветна, па дури и не е загрижувачка за целокупната економија“, вели Мориц Шуларик.
Поради астрономските цени и силно зголемување на каматните стапки, минатата година се продадени 27 отсто помалку станови и 16 отсто помалку куќи, пренесува Der Spiegel. Но, во споредба со 2021 година, падот е уште подрастичен: продадени се дури 49 отсто помалку станови и 39 отсто помалку семејни куќи. Затоа и во Германија не владее класичната пазарна логика, продавачите повеќе сакаат да се откажат од продажбата отколку да ја намалат цената.
Многу помалку се гради. Заводот за статистика објави дека во периодот од јануари до август 2023 година се издадени дури 32 отсто помалку одобренија за градба за нови згради, па се очекува кризата со недвижностите да продолжи и годинава, а главното прашање е дали оние кои сакаат да купат стан треба да купат сега или да чека натамошен пад на цените.
Сепак, според друга студија на германскиот институт за светска економија, падот на цените на недвижностите запре во последниот квартал, па цената на становите всушност се зголеми за 0,8 отсто во однос на претходниот квартал, а цената на куќите за 0,6 отсто.
„Дури и во контекст на натамошни намалувања на каматните стапки за станбените кредити кои се очекуваат во 2024 година, нагло зголемување на цените на киријата и раст на приходите за приватните домаќинства, може да се очекува пазарот да влезе во фаза на нормализација“, предвидува IfW.
Бројот на трансакции веројатно повторно ќе се зголеми, но брзо враќање на состојбата со голем број купувања и продажби не се очекува до 2021 година. Напротив, пазарот е на пат кон постепено закрепнување, велат економистите од Келн.
Истовремено, според нивното истражување, цените на изнајмувањето на станови во четвртиот квартал биле за 5,3 отсто повисоки од претходната година. За две години новите договорени закупнини се зголемија во просек за 8,7 отсто. Пресметувајќи од почетокот на 2022 година, цените за изнајмување во Берлин се зголемени за дури 17 отсто, а во Минхен за 10,5 отсто. Значи, логично е дека побарувачката за купување станови нема да падне доколку се остварат прогнозите дека каматите веќе нема да растат. Но, цените се превисоки: просечната цена на станбен имот во Минхен, и по намалувањето, остана на превисоки 8.455 евра за метар квадратен, што е за 3,1 отсто помалку од 2022 година. Во исто време, киријата се зголеми до 14,48 евра за метар квадратен.
Владата на Олаф Шолц постави цел да гради 400.000 станови годишно почнувајќи од 2021 година, но турбулентниот развој на настаните ги промени приоритетите. Високите градежни трошоци и скапото финансирање во споредба со претходните години во моментов ја парализираат германската градежна индустрија. Во борбата против инфлацијата, Европската централна банка (ЕЦБ) ги зголеми каматните стапки на највисоко ниво од почетокот на монетарната унија, што имаше сериозни последици за домувањето. Според Сојузот за социјални станови, има недостиг од повеќе од 910.000 станбени единици со пристапни цени. Првото намалување на каматните стапки се очекува најдоцна до летото, па финансирањето на зградите ќе биде поевтино, што делумно би можело да ја стимулира градежната индустрија, пренесува медиумската агенција Reuters.