– Германија ги уништи надежите на Украина за добивање јасна перспектива за членство во одбранбената алијанса на НАТО во текот на оваа година.
„НАТО секогаш јасно кажуваше дека има политика на отворени врати [кон Украина], а исто така е јасно дека среде војна не можеме да зборуваме за ново членство“, изјави министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Баербок, за новинарите пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Осло, Норвешка.
Меѓу другото, Баербок се залагаше за посилна одбранбена соработка и нагласи дека Германија и нејзините сојузници во НАТО ќе продолжат да обезбедуваат воена поддршка за Украина.
„Руската агресивна војна повторно ја покажа важноста на одбраната. Поради руската агресивна војна, соработката со Украина и НАТО се интензивираше“, рече таа.
Украинскиот министер за одбрана, Олексеј Резников, минатиот месец изјави дека се надеваат дека ќе добијат јасна перспектива за членство од НАТО за време на претстојниот самит на Алијансата во Вилнус во јули.
Русија постојано предупредуваше дека конфликтот може да ескалира во светска војна доколку Украина биде примена во воената алијанса предводена од САД.
Украина официјално ја поднесе својата апликација за брзо членство во НАТО минатиот септември, по руската анексија во четири украински региони.