– Германската полиција денес предупреди на потенцијално смртоносниот вид екстази „блу панишер“ откако смртта на две тинејџерки е поврзана со полусинтетичката психоактивна дрога.
Полицијата во североисточната покраина Мекленбург соопшти дека 13-годишно девојче од градот Алтентрептоу починало во понеделникот во болница откако зело една сина таблета со лого на череп поврзан со ликот од стрипот на Марвел, Панишер.
Уште двајца други тинејџери на возраст од 14 и 15 години, исто така, се хоспитализирани по земање на дрогата, соопшти полицијата. Во врска со смртта на девојката приведен е 37-годишен Германец.
Властите на соседната покраина Бранденбург, исто така, ја истражуваат смртта на 15-годишно девојче што починало во градот Ратеноу за време на викендот по сомнение дека било предозирано со наркотици. Обвинителите велат дека со обдукција ќе се утврди дали и тоа починало по консумирање дрога.
„Предупредуваме за секое консумирање наркотици, а особено опасните пилули ‘блу панишер’. Овие таблети имаат многу висока доза на МДМА“, се наведува во соопштението на полицијата во Нојбранденбург.
Се додава дека дури и половина пилула, која е во оптек во регионот, може да го загрози животот.