Германија размислува да ги повлече златните резерви од САД: Мора да го вратиме, вреди 113 милијарди евра

Германија размислува да ги повлече своите златни резерви од САД поради загриженоста за непредвидливата политика на актуелниот американски претседател Доналд Трамп.

Со децении, Германија чуваше околу 1.200 тони злато, приближно 30% од нејзините вкупни резерви, во трезорите на Федералните резерви на САД во Њујорк.

Вредноста на тоа злато денес е околу 113 милијарди евра.

Познато е дека залихите историски се чувале во странство, за Германија брзо да пристапи до долари во случај на финансиска криза, пишуваат странските медиуми , пренесува Телеграф.

Но, високите функционери на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), која се очекува да биде клучен играч во формирањето на следната германска влада, се повеќе ја доведуваат во прашање оваа стратегија.

„Се разбира дека случајот е повторно отворен“, вели Марко Вандервиц, поранешен министер и член на ЦДУ, кој со години бара редовни инспекции или враќање на златото во Германија.

Маркус Фербер, член на ЦДУ во Европскиот парламент, се согласи: „Повикувам на редовни проверки на златните резерви на Германија. Претставниците на Бундесбанката треба лично да ги бројат златните прачки и да ги документираат резултатите“, рече тој.

Инаку, Германија има втори по големина златни резерви во светот.

Поголемиот дел од ова злато е акумулирано по Втората светска војна преку извозните вишоци според системот на Бретон Вудс.