– Германската Влада ги осуди провокациите насочени кон светата книга на муслиманите, Куранот, и наведе дека нејзиниот став за овие постапки е многу јасен.
Заменик-портпаролката на германската Влада, Кристијане Хофман, на прес-конференцијата одржана во Берлин одговори и на прашањето на дописникот на Анадолу во врска со денешната средба меѓу германскиот канцелар Олаф Шолц и данската премиерка Мете Фредериксен и прашањето за провокациите насочени против Куранот во Данска.
Хофман, сепак, не можеше да каже дали на дневен ред на средбата меѓу Шолц и Фредериксен ќе биде и прашањето за палењето на примероци од Куранот.
„Не можам однапред да кажам за што конкретно ќе се разговара на состанокот, но ставот на германската Влада за палењето на светата книга Куран е јасен. Тоа го сметаме за непочитување и за несоодветно“, рече таа.
Таа истакна дека со ваквите провокации се „сака да се предизвикаат поделби“.
„Ние се противиме на тоа и го осудуваме“, рече Хофман.
Потоа беше поставено прашањето, со оглед на тоа што некои тврдат дека чинот на палење на Куранот во Данска спаѓа во рамките на слободата на мислата, дали германската Влада се согласува со тоа и дали, исто така, би се сметало за слобода на изразување доколку други свети книги, како што е Тевратот, беа цел на напади во европските држави.
„Не можам да го коментирам тоа што е кажано во Данска. Се разбира, за нас слободата на изразување е многу важна вредност. Меѓутоа, за нас говорот на омраза или изразувањето омраза не спаѓа во тоа“, истакна Хофман.