Германската екстремна десница со „историска“ изборна победа на истокот

Германската антиимиграциска Алтернатива за Германија (AfD) слави „историски успех“, со голема победа на екстремно десничарската партија во источната покраина Тирингија.

АфД освои речиси една третина од гласовите, девет поени пред конзервативната ЦДУ и многу пред трите германски владејачки партии, пишува Телеграф.

Резултатот ѝ дава прва победа на екстремната десница на изборите за државниот парламент по Втората светска војна, иако има мала надеж да формира влада во Тирингија, бидејќи другите партии веројатно нема да соработуваат со неа.

АфД беше втора на другите големи покраински избори во неделата, во понаселената соседна покраина Саксонија.

Тамошните резултати ѝ дадоа на ЦДУ 31,9 отсто од гласовите, веднаш пред АфД, повторно многу пред трите партии што ја водат националната влада – Социјалдемократите, Зелените и либералната ФДП.

Канцеларот Олаф Шолц рече дека резултатите се „горчливи“ и ги повика другите главни партии да формираат државни влади без екстремната десница.

„АфД и штети на Германија. Тоа ја слабее економијата, го дели општеството и го уништува угледот на нашата земја“, рече тој во изјава за Ројтерс.

Водечкиот кандидат на АфД во Тирингија, Бјорн Хоке, кој е многу контроверзна личност во Германија, ја поздрави „историската победа“ и зборуваше за неговата голема гордост.

Тој не успеа да освои директно место во државниот парламент, но обезбеди место бидејќи беше на врвот на листата на неговата партија.