Германската канцеларка има порака до Путин пред средбата со Трамп

Русија треба да прифати прекин на огнот со Украина кога рускиот претседател Владимир Путин ќе се сретне со својот американски колега Доналд Трамп во Алјаска, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц пред историската средба.

Мерц рече дека средбата меѓу Трамп и Путин претставува „можност“ за мир и го повика рускиот диктатор да ги отфрли сите предуслови за прекин на огнот, а потоа да се сретне со својот украински колега, Володимир Зеленски.

„Целта треба да биде самит на кој ќе учествува и претседателот Зеленски. Таму треба да се постигне договор за прекин на огнот. На Украина ѝ се потребни силни безбедносни гаранции. Територијалните прашања можат да се решат само со согласност на Украинците“, изјави германскиот лидер, пренесува Си-Ен-Ен.

Кремљ претходно бараше Киев да предаде големи територии во замена за завршување на војната, која започна кога Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.

Европските лидери се нервозни пред средбата на Трамп со Путин. Иако Трамп неодамна сигнализираше поддршка за Украина, Европа се плаши дека Путин, поранешен агент на КГБ, ќе може да го наговори американскиот претседател да ја гледа војната според свои услови.

„Претседателот Трамп сега може да направи важен чекор кон мирот. Тој заслужува благодарност за оваа иницијатива и за блиската координација во текот на изминатите неколку дена“, рече Мерц.

Инаку, се очекува Трамп и Путин да се сретнат вечерва во Алјаска со почеток во 21:00 часот, според нашето локално време.