Германска револуција: До 2030 година, вештачката интелигенција ќе генерира 10% од БДП

Германската влада подготвува нова стратегија чија цел е до крајот на оваа деценија 10 проценти од економското производство на земјата да се базира на вештачка интелигенција, според нацрт-документ во кој има увид Ројтерс.

– Со офанзивата во областа на вештачката интелигенција, сакаме да генерираме 10 проценти од БДП до 2030 година и да го претвориме во клучна алатка во централните области на истражување – се наведува во нацрт-стратегијата што германската влада треба да ја усвои до крајот на јули.

Германија сака да го намали јазот со САД и Кина во клучните технологии, вклучувајќи ја вештачката интелигенција и квантното пресметување.

Новата стратегија предвидува дека Германија ќе ги координира плановите за изградба на големи центри за обработка на податоци во соработка со индустријата, експертите и покраините до крајот на 2025 година.

Европската комисија веќе издвои 20 милијарди евра за финансирање на таканаречената „гигафабрика“ на вештачка интелигенција, додека Германија сака да ги води тие проекти на ниво на Европската Унија.

Покрај вештачката интелигенција, стратегијата ги вклучува и амбициозните цели на Германија за квантно пресметување, објавува Ројтерс.

До 2030 година е планиран развој на два „квантни компјутери со корекција на грешки“, кои ќе им бидат достапни на корисниците од истражувачкиот и индустрискиот сектор, се додава во документот.