– Германските земјоделци денеска ги блокираа улиците на Берлин со повеќе од 3.000 трактори во знак на протест против плановите на Владата да ги прекине даночните олеснувања за земјоделскиот дизел.
Јоаким Руквид, претседател на Здружението на германски земјоделци, рече дека нема да ја прифатат неодамнешната понуда на Владата за постепено укинување на даночните олеснувања и дека ќе продолжат со протестите.
„Имам впечаток дека коалициската Влада сè уште не разбра. Нема да прифатиме лоши компромиси за земјоделскиот дизел. Потребна ни е промена на политиката што ќе даде приоритет на потребите на нашето население, малите и средни претпријатија, економијата и земјоделството“, рече Руквид.
Од рано утринава, конвои на трактори го запреа сообраќајот во Берлин, а блокирани се и главните патишта во градот во владиниот кварт и околу Бранденбуршката порта.
„Без земјоделците нема иднина“, „Фармите горат, политичарите спијат“, „Не играјте си со храната, обезбедете земјоделско производство“ и „Престанете да ги трошите парите на даночните обврзници!“, се дел од пораките што демонстрантите ги напишаа на транспарентите.
Владата на канцеларот Олаф Шолц минатиот месец објави дека планира да ги намали субвенциите за земјоделски горива и возила како дел од новите владини мерки за штедење за исполнување на буџетските правила.
Поради притисокот, Владата го ревидираше својот план претходно овој месец и рече дека даночните олеснувања постепено ќе се укинуваат во текот на неколку години. Но, Здружението на земјоделци ја одби оваа понуда, нагласувајќи дека овие промени се далеку од доволни за решавање на нивните проблеми.