Германија би можела да се соочи со недостиг од снабдување со енергија и високи цени во наредните месеци поради намалувањето на нуклеарните капацитети.
Петер Адријан, претседател на Германската трговска и индустриска комора, ги повика политичарите да размислат за продолжување на работата на трите преостанати нуклеарни централи во земјата.
„Иако цените на природниот гас неодамна паднаа, трошоците за енергија се сè уште високи за повеќето бизниси. Истовремено, се уште не сме ја разрешиле неизвесноста кога станува збор за безбедноста на снабдувањето со енергија“, изјави Адријан за весникот „Рајнише пост“, пренесе ТРТ Балкан.
Тој нагласи дека мнозинството германски бизнисмени бараат продолжување на работата на нуклеарните централи до крајот на енергетската криза.
Коалициската влада на канцеларот Олаф Шолц планира постепено да ја укине нуклеарната енергија и да ја пополни празнината со обновливи извори на енергија и алтернативни извори. Последните три нуклеарни централи во земјата ќе бидат затворени во сабота, според планот договорен минатата година.
Владата се обидува да го спречи недостигот на енергија со купување на повеќе гас од Норвешка и зголемување на увозот преку цевководи од Белгија и Холандија.