Германски воен гигант влегува во Бугарија – голема зделка на повидок

На 26 март, во Бугарија пристигна висока делегација од германскиот одбранбен концерн „Рајнметал“, најголемиот производител на воена опрема во Европа. Целта на посетата е разгледување на можностите за соработка и инвестиции во бугарската одбранбена индустрија, во контекст на зголемените безбедносни предизвици во Европа.

Иницијатор на посетата е бугарскиот претседател Румен Радев, кој ги покани германските партнери уште за време на Минхенската безбедносна конференција. Делегацијата оствари средби со највисоките институции во земјата – со членовите на Комисијата за одбрана, премиерот Росен Желјазков, заменик-премиерот Томислав Дончев, како и со министри одговорни за економија и одбрана. Предвидена беше и средба со поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, кој има блиски односи со „Рајнметал“.

Потенцијал за нови производствени капацитети

Рајнметал“ е компанија со долгогодишно искуство во производство на тенкови, артилерија, муниција и системи за воздушна одбрана. Нивното евентуално присуство во Бугарија би можело да значи отворање на нови производствени капацитети, трансфер на технологија и значајна модернизација на бугарската армија.

Оваа посета доаѓа во клучен момент кога Европа се реорганизира од безбедносен аспект, а членките на НАТО ги зголемуваат инвестициите во одбраната. За Бугарија, соработката со „Рајнметал“ претставува шанса за јакнење на нејзината одбранбена индустрија и позиционирање како значаен фактор во регионот.