Германски генерал: Заканата од Русија е „екстремно сериозна“

 – Германскиот генерал Карстен Брејер денес предупреди дека Русија може да ја тестира одбранбената подготвеност на НАТО и да изврши напад врз европска држава во следните четири години.

„Ова е екстремно сериозно. Рускиот претседател Владимир Путин систематски ги спроведува своите планови. Нивното повторно вооружување е во тек“, изјави началникот на одбраната, генерал Брејер, во интервју за германскиот дневен весник „Ханделсблат“.

Тој нагласи дека времето на можниот напад врз европска земја зависи од многу фактори, вклучувајќи го и текот на војната во Украина.

„Како воено лице, морам да размислувам за најлошите сценарија. Кога аналитичарите велат четири до седум години, јас претпоставувам четири години“, рече тој, повикувајќи се на предупредувањата од западните разузнавачки служби.

„Ова не значи дека рускиот напад ќе се случи точно во 2029 година, но исто така не значи дека тоа не може да се случи порано. Мораме да бидеме подготвени најдобро што можеме. Тоа важи за целото општество, не само за војската“, додаде тој.

Генералот Карстен Бројер истакна дека Русија веќе спроведува интензивни разузнавачки операции и саботажи против западните земји.

„Не е доволно да размислуваме само за класичен конвенционален напад. Русија ја гледа војната како континуум“, изјави тој.

„За Русија, војната веќе започна ако се земе предвид големиот број хибридни напади врз клучната инфраструктура и операциите за влијание на Русија на Западот. Говорам за шпионажа или акти на саботажа, кои ги доживуваме секојдневно“, заклучи тој.