Германски Е.ОН не ја исклучува можноста за поправка на Северен тек 1

Германската енергетска компанија Е.ОН, косопственик на конзорциумот „Северен тек“, смета дека е можна поправка на гасоводот „Северен тек 1“ кој доставуваше руски гас во Европа се додека не беше сериозно оштетен во подводните експлозии минатиот септември.

– Поправката на гасоводот ќе биде предизвик и ќе бара одговори на голем број прашања, технички, комерцијални и правни, изјави денеска портпаролот на Е.ОН за германскиот весник Рајнише пост.

– Е.ОН претпоставува дека потенцијалната одлука за или против повторното пуштање во употреба на „Северен тек 1“ ќе биде донесена во одборот на акционери на „Северен тек д.д.““, додаде тој.

Конзорциумот „Северен тек“ сè уште не доставил предлог за гласање за обнова на гасоводот до акционерите, соопшти портпаролот на компанијата.

Северен тек е во мнозинска сопственост на рускиот производител на гас Гаспром. E.ON поседува 15,5 отсто од акциите, чија вредност од крајот на минатиот септември неколку пати е намалена и сега се проценува на 100 милиони евра.