Германскиот Бундесвер (Армија) се соочува со недостиг од борбени авиони и хеликоптери, но и се повеќе војници, па Владата на канцеларот Олаф Шолц интензивно размислува за враќање на задолжителниот воен рок.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Германците се за тоа, но дека има јаз во народот – додека постарите се за враќање на воената служба, стравувајќи од ширење на конфликтот од Украина во Западна Европа, младите Германци, кои се најдиректно засегнати од ова, не се поддржувачи на промени.
Министерот за одбрана, Борис Писториус, го наведува примерот на Шведска, каде, исто како и во Германија, задолжителната воена служба беше укината, а потоа повторно воведена. Имаше причини зошто беше суспендиран воениот рок, но во ретроспектива, тоа беше грешка. Доколку повторно се воведе воениот рок, тој би ги опфатил двата пола.
Според официјалните соопштенија на Бундесверот, Германија на крајот на октомври располагала со 181.383 војници, додека за време на Студената војна во 1970-тите и 1980-тите години ги имало речиси половина милион. Бундесверот сега е далеку од својата цел до 2025 година да има 203.000 мажи и жени во униформи, додека во исто време е се помалку привлечен за младите.
„Со децении воената служба беше основата на германското општество“, вели Борис Писториус и додава: „Во средината на 1950-тите години, кога на СРН повторно му беше дозволено да се вооружува, мажи на возраст од 18 години беа регрутирани во воена служба. Идејата беше војниците да бидат ‘граѓани во униформа’. Во текот на пет и пол децении, речиси сите млади мажи служеа во Армијата или работеа во домови за стари лица или болници како дел од нивната цивилна воена служба. Во летото 2011 година, задолжителниот воен рок беше укинат. Во тоа време, целта беше да се намали Бундесверот и да се спроведе реформа на вооружените сили. Во случај на напнатост или потреба од одбрана, регрутирањето може да се реактивира. Денес, Бундесверот е волонтерска Армија, во која служат и жени“.
Критики за идејата на Борис Писториус доаѓаат и од редовите на неговата Социјалдемократска партија. Лидерот на партијата Саскија Ескен верува дека Бундесверот нема да биде способен да изврши задолжителен воен рок сега.