Премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки, ја предупреди Украина да не создава близок сојуз со Германија, во време на затегнати односи меѓу Варшава и Киев.
Sky News ги пренесува тврдењата на украинските медиуми дека Матеуш Моравјецки го обвинил претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за многу непримерни зборови кажани во ОН, откако тој кажа дека полската забрана за увоз на украинско жито ќе и помогне на Русија.
Матеуш Моравјецки, наводно, рекол дека ќе го заштити полското земјоделство од украинските агроолигарси, бидејќи спорот за житото го продлабочува јазот меѓу сојузниците како што се приближуваат изборите во Полска.
„Разбирам дека Володимир Зеленски сега мисли дека ќе има близок сојуз со Германија. Ве предупредувам дека Германците секогаш ќе се обидуваат да постигнат некаков договор со Русите зад грбот на централноевропските земји“, тврди Матеуш Моравјецки.
Тој потсети дека Полска беше таа што прими неколку милиони Украинци по избувнувањето на војната.
„Полјаците беа тие кои ги прифатија Украинците под свој покрив и ние бевме тие кои најмногу помогнаа кога Германците сакаа да испратат 5.000 шлемови во опколениот Киев. И тоа не треба да се заборави, господине претседателе Володимир Зеленски“, заклучи премиерот на Полска.