Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер одби да го осуди својот долгогодишен пријател, рускиот претседател Владимир Путин, притоа жалејќи за неуспехот на актуелниот германски канцелар и француски претседател да најдат дипломатско решение за војната меѓу Русија и Украина.
Во интервју за германскиот весник „Цајтунг цајтунг“, канцеларот кој беше на чело на германската Влада од 1998 до 2005 година изјавил дека тој сè уште го смета Владимир Путин за свој пријател.
„Зошто би го криел тоа ?“, прашал Герхард Шредер, додавајќи дека нивниот личен однос се развивал независно од политиката.
Тој објаснува дека иако јасно ставил до знаење дека мислел дека е грешка што Русите започнале војна во Украина, тој сега нема да се преправа дека никогаш не бил пријател со Владимир Путин.
Герхард Шредер раскажал како тој и неговата сопруга Сео Јонг Ким-Шредер, минатиот март отпатувале во Истанбул и Москва на „мировна мисија“.
Тој се обидел да ги натера Москва и Киев да направат меѓусебни отстапки за да ги запрат непријателствата, но безуспешно.
И покрај неуспехот да се постигне договор, Герхард Шредер инсистира на тоа дека конфликтот може да се реши со интервенција на претседателите на Влади.
Тој, исто така, изразува жалење што сегашните лидери во Берлин и Париз не прават доволно на овој план.