Во изборниот период, важно е медиумските актери да известуваат транспарентно и непристрасно, со цел јавноста да има пристап до точни информации. Кандидатите на политичките партии треба да бидат јасно претставени и да има отворена дебата. Дезинформациите, лажните вести и другите форми на манипулација треба да се решат брзо и законски, порача денеска европскиот амбасадор Дејвид Гир.
На денешниот промотивен настан „Значењето на работата на јавниот радиодифузен сервис за демократијата во Европа“, што се одржа во Скопје, тој истакна дека постоењето на слободни и независни медиуми е од суштинско значење за секоја демократија.
„Целта на денешниот настан е зајакнување на радиодифузниот сервис и медиумскиот регулатор. Ова е во согласност со препораките содржани во Извештајот за Македонија за 2023 година на Европската комисија, во кој се нагласува дека се потребни дополнителни мерки за зајакнување на регионалната стабилност и независноста и на медиумскиот регулатор и на јавниот радиодифузен сервис. – истакна Гир.
Истовремено, како што посочи, во Извештајот се критикува и независноста на развојот на овие две институции како резултат на времените мерки, кои се одобруваат од година во година, додека ваквата состојба продолжува и во 2024 година.
„Постоењето на слободни и независни медиуми е од суштинско значење за секоја демократија. Потребно е да се обезбеди одговорност, да се истакне погрешното постапување и да се информира јавноста со точни и навремени информации. Ова особено важи за јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор, кои постојат во денешното медиумско опкружување кое брзо се менува. Денес постојат различни закани кои беа незамисливи за луѓето пред една генерација. Ова се должи на интернетот и социјалните медиуми, како и новите технологии“, додаде Гир.
Евроамбасадорот истакна дека денешниот настан е само дел од поддршката што ЕУ ја нуди на медиумскиот сектор. Како што подвлече, се дава помош и во однос на усогласување на регулаторната рамка за медиумите, според стандардите на ЕУ.
„ЕУ обезбедува и поддржува организација на обуки, различни студиски посети за новинари и уредници. Македонија е во изборна година и особено е важно сите медиумски актери да известуваат за изборите на отворен и непристрасен начин за да ѝ бидат достапни на јавноста точните информации“, додаде Гир.