„ Македонија подготви многу стратегии и документи, креираше политики, но сега фокусот треба да биде на имплементација. Земјата мора итно да го усогласи националното законодавство со најновите стандарди на ЕУ и законодавството за обновливи извори и енергетска ефикасност, за да биде во чекор со развојните трендови на Унијата. Исто така, ќе мора да ги создаде потребните механизми за да биде дел од шемата за размена на енергија на ЕУ во иднина“.
Ова го изјави евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир. Во говорот на седмиот енергетски форум (ФЕМ), Гир истакна дека производството во Македонија во голема мера зависи од увозот на фосилни горива – гас, јаглен, нафтени деривати кои се предмет на флуктуации на цените, како и можни нарушувања околу снабдувањето.
Според него, кризата покажа дека е добро да се има функционален енергетски пазар, кој ќе нуди квалитетни услуги, сигурност во снабдувањето, но и пристапни цени, а тоа значи дека мора да се инвестира многу. Гир рече дека зелената транзиција бара паметни решенија.
Процесот, рече тој, не е ниту лесен ниту брз и многу е важно преминот од фосилни горива кон зелена енергија да се случи на фер начин. Тој нагласи дека сите што работат во енергетскиот сектор ќе мора да поминат нови обуки и да стекнат нови вештини.
„Сето ова што сега го споменав мора да биде вклучено во долгата листа на дела што треба да се реализираат. Гледајќи напред, ние мора да ги унапредиме постоечките можности. Македонија има многу природни ресурси, ветер, вода, сонце и има голем потенцијал да ги храни овие обновливи ресурси. Неопходна е ефикасна координација меѓу институциите и сите релевантни актери, поддржани од човечки и финансиски ресурси. Знам дека ова ќе биде голем предизвик за новата влада. Ќе биде многу важно националното законодавство итно да се усогласи со најновите стандарди на ЕУ и европското законодавство за обновливи извори и енергетска ефикасност, за да се држи чекор со развојните трендови на ЕУ“, рече Гир.