Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, амбасадорот Дејвид Гир не ги коментираше тврдењата во писмото на австрискиот амбасадор за штетата нанесена на австриска компанија во судски процес.
Гир рече дека треба да се создадат услови за странски инвестиции, со цел да има корист за економијата и граѓаните на земјата.
„Како што кажав, не сакам да го коментирам овој случај, ова писмо. Јасно е дека е важно ние како дипломати да дадеме се од себе за да промовираме позитивен амбиент за инвестирање, бидејќи тоа е во заеднички интерес – на бизнисите од ЕУ, но и на бизнисите и на граѓаните овде. Генерално, како што знаете, ние како ЕУ, како и земјите-членки сме многу ангажирани во областа на владеењето на правото и реформите во правдата. Една од причините за ова е да се осигураме дека овде има атрактивно деловно опкружување за да имате повеќе странски директни инвестиции во земјата, во Велес, во другите градови, што ќе донесе работни места и други придобивки практично за луѓето кои живеат овде“, рече Гир на прашањето на новинарите за писмото на австрискиот амбасадор.
Инаку, австрискиот амбасадор Георг Вуцас, преку отворено писмо упатено до медиумите под наслов „Што ќе преовлада?“ праша ,Владеењето на правото и заштитата на австриските инвестиции во Северна Македонија или криминалните договори за фаќање на судството и правните функционери“, обвинија дека компаниите „ДЕНА“ и „ГЛОБАЛ“ ги заробиле органите на правдата и функционерите (извршни директори и нотари ) во случајот со инвестицијата на Австрискиот Import Export GmbH со седиште во Хоенемс, Австрија, и повика на „отстранување на сите некомпетентни и пристрасни судии и обвинители во овие случаи“.