Гир: Новата влада ќе го продолжи европскиот пат на земјата

Евроамбасадорот Дејвид Гир оценува дека интересот на Македонија е да продолжи по патот на Европската унија и порача дека се подготвени да соработуваат со идната влада и со сите кои го поддржуваат реформскиот процес.

„Мојата порака би била за владата и за целата земја. Верувам дека интересот на оваа земја е да продолжи по патот кон Европската Унија. Ние во Европската Унија сме подготвени да работиме со новата влада и сите оние кои го поддржуваат реформскиот процес, кој е неопходен за влез во Европската унија, и ќе направиме се што можеме за да помогнеме оваа земја да напредува на патот кон ЕУ “, рече Гир.

Потенцира дека тоа е задача, која ќе биде пред се за власта, но не само за него, туку за тоа ќе бара и поддршка од сите главни актери од целиот политички спектар.

„Со други зборови, проширувањето треба да биде национален проект кој ќе ги собере сите заедно да работиме на реформите, да ги спроведеме потребните мерки, со цел што поскоро да се приклучиме на Европската унија“, рече Гир во изјавата пред отворањето на изложба обединета во различноста по повод 20-годишнината од најголемото проширување на Европската Унија.