– Има напредок, има чувство дека работите се движат напред особено во однос на усвојувањето на уставните измени во согласност со билатералните обврски преземени со Договорот меѓу државава и Бугарија, но за жал и покрај политичките заложби од двете страни за иднината на Северна Македонија во Европската унија сè уште нема заеднички дневен ред за потребните реформи. Политичкиот јаз се продлабочува и потребните реформи затоа назадуваат, оцени евроамбасадорот Дејвид Гир на денешниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет во македонското Собрание.
Гир посочи дека иако владеењето на правото и борбата против корупцијата се клучни и супштински во процесот на проширување на ЕУ, сепак во државава на овие полиња, како што рече, има голем број на загрижености кои се продлабочуваат во изминатите месеци.
– Важно е да се адресираат недостатоците во спроведувањето на соодветните закони со што се обезбедува независноста и интегритетот на судиите. Овие прашања неодамна се појавија преку состојбите во Судскиот совет, тело одговорно за заштита и промовирање на овие принципи. Политичарите и политичките партии треба да ги одбиваат сите обиди на заробување на институциите, а Судскиот совет и судството имаат свои одговорности и обврски. Пензионирањето на судиите исто така влијае, па така приоритет е да се зајакнат човечките ресурси како во судството, така и во обвинителството. Процесот на избор на двајца судии во Уставниот суд и двајца членови во Советот на обвинители долго трае и треба што поскоро да се заокружи врз прнципот на меритократија, порача Гир.
Потсети и дека европското знаменце и забрзаните постапки за закони треба да се во голема мера ограничени. Воедно порача на максимална вклученост на јавноста во донесувањето на одлуките во Собранието.
Ги поздрави позитивните оценки за земјава од „Репортери без граници“, но истакна дека новинарите мора да бидат заштитени од говорот на омраза.
Државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања Дрита Абдиу Халили рече дека ги очекуваат извештаите од скринингот што е можно побрзо, со цел, како што посочи, да биде задржен фокусот и мотивацијата за реформи и во администрацијата и во општеството во целина.
-Скрининг извештајот за фундаментални вредности е основа за подготовка за трите патокази- патоказ за владеење на правото со малцинскиот план за малцинства, патоказ за реформа на јавната администрација и двата како одредници за отворање на кластерот теми, како и патоказот за функционирање на демократските институции вклучително и продлабочување на дијалогот околу економското управување и исполнување на европските критериуми, рече таа.
Амбасадорка на Кралството Шведска, Ејми Ларсон Џеин ја поздрави усогласеноста на државата со надворешната и безбедносната политика на ЕУ која ја оцени како силен знак за стратешката посветеност на земјава за членство во Европската унија.