„Не сме ние криви, крива е оваа секта што направи хаос, а тој ги слушаше. Се боревме колку што можевме, но немаше спас “, изјави Зоран Жујовиќ, таткото на Милош Жујовиќ (25) кој вчера сакаше да ликвидира полицаец, пред израелската амбасада на Дедиње во Белград.
Милош Жујовиќ вчера со самострел нападнал и повредил припадник на Жандармеријата кој бил пред израелската амбасада во Белград. Ранетиот припадник на Жандармеријата успеал да возврати и да го убие напаѓачот.
Како што рече српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, со реконструкцијата на движењата на Жујовиќ е утврдено што тој правел пред нападот, односно што правел откако со автобус дошол од Младеновац. Утврдено е дека Жујовиќ се движел низ Белград, отишол во синагогата, но бидејќи таму била полицијата, продолжил кон амбасадата. Како што е соопштено, Жујовиќ го купил самострелот што го користел за терористичкиот напад во продавница во Земун за 6.700 динари.
Освен Жујовиќ, полицијата го уапсила и Игор Деспотовиќ (25) поради сомнение дека заедно со убиениот напаѓач извршил кривично дело – терористичко здружување. Како што пишувавме претходно, ова не е првпат Деспотовиќ да биде уапсен поради планирање терористички напад.
Полицијата го уапсила и Кемал Беговиќ, кој наводно пронашол елек со знамето на Исламската држава, додека државјанинот на Босна и Херцеговина, Харис Шундо е приведен со оглед на тоа дека нема одобрение за престој. Како што најави министерот Дачиќ, ќе добие наредба да ја напушти Србија.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека ќе има ново апсење.
– Продолжуваме да работиме, ќе има уште апсења. Ја проверуваме поврзаноста на сите страни и сè ќе завршиме. Верувам дека до вторник ќе ги завршиме повеќето апсења и потоа сè ќе биде во ред – изјави Александар Вучиќ во утринската програма на ТВ Прва на прашањето до кога ќе важи црвениот аларм за безбедноста во Србија.
„Одеше на натпревари, ja читаше Библијата, Куранот…“
Таткото на Жујовиќ вели дека неговиот син одел на натпревари по историја и дека ги читал Стариот и Новиот Завет, Библијата и Куранот, но потоа се заљубил.
– Го фати сектата и толку. Се обидовме, да не се караме, нека види дека има некој свој… Ако сакаат да го закопаат, кога веќе ни го киднапираа, нека го погребаат на муслиманските гробишта – вели Жујовиќ.
Тој додава и дека неговиот син има син, а сопругата на Милош треба повторно да се породи до крајот на годината.
– Така направи… вели Жујовиќ и додава дека тој и неговата сопруга биле во полиција.
Таткото на Милош вели дека тој и неговата сопруга се обиделе да го извлечат синот, но тој побегнал од нив. Според него, „многу работи влијаеле“ на неговиот син.
Средба со терористи
Жујовиќ објасни и како неговиот син се сретнал со мажите кои беа уапсени вчера по нападот пред амбасадата.
Тој објасни дека Игор Деспотовиќ се оженил со најдобрата пријателка на сопругата на Милош пред шест години и дека ги принудил и двајцата да носат хиџаб.
-Тоа беше пред да го запознае Милош. Подоцна Милош дошол на неговата свадба да му биде гарант и така ја запознал сопругата – објаснува тој.
Тој ја потврди информацијата дека Милош бил единец.
Во текот на разговорот, Зоран Жујовиќ неколку пати се расплака, а на крајот им се извини на сите и му посака брзо закрепнување на ранетиот полицаец.