Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека лидерот на Хамас во Појасот Газа, Јахја Синвар, чија куќа соопштија дека ја опколиле, се крие под земја.
ИДФ додава дека Јахја Синвар не може да побегне и дека е само прашање на време кога ќе го фатат.
На прашањето дали изјавата на Бенјамин Нетанјаху значи дека израелските војници се приближуваат кон домот на Јахја Синвар, портпаролот на ИДФ, Даниел Хагари, одговори дека куќата на Јахја Синвар се наоѓа во областа Кан Јунис.
„Јахја Синвар не е над земја, тој е под земја“, посочи Даниел Хагари и додаде дека целта на Израел е да го убие лидерот на Хамас.
„Не сакам да елаборирам каде и како и што знаеме во однос на интелигенцијата. Не е место да се зборува за вакви работи во медиумите. Наша работа е да го најдеме Јахја Синвар и да го убиеме“, нагласи потпаролот на ИДФ.
Јахја Синвар е роден во 1962 година во бегалскиот камп Кан Јунис на јужниот дел на Појасот Газа, а му се придружил на Хамас кога бил основан во 1987 година и бил миленик на шеикот Ахмед Јасин.
Во 1989 година, тој беше осуден за киднапирање и убиство на двајца израелски војници и четворица Палестинци за кои веруваше дека соработувале со Израел.
Тој доби четири доживотни затворски казни, но беше ослободен во 2011 година како дел од договорот за враќање на заробениот израелски војник Гилад Шалит.
По ослободувањето, Јахја Синвар беше реинтегриран во раководството на Хамас, а до 2017 година беше именуван за нов политички лидер на Појасот Газа, на местото на Исмаил Ханије, кој сега ја предводи политичката канцеларија на Хамас од Катар.
Јахја Синвар беше повторно назначен на функцијата во 2021 година.