Советникот во кабинетот на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, Михаил Подољак, претходниот ден изјави дека во сегашната ситуација прекинот на огнот и замрзнувањето на војната во Украина би биле победа за Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин.
„Секое сценарио за прекин на огнот и замрзнување на војната во Украина во овој момент ќе значи само едно – победа на Русија и личен триумф на Владимир Путин“, напиша Михаил Подољак на социјалната мрежа Х, порано позната како Твитер.
Во тој случај, тврди тој, меѓународното право би ја изгубило сета моќ и би се вовел „законот на џунглата“.
„Војната ќе стане алатка за постигнување политички цели, а бројот на конфликти и хаос во светот драстично ќе се зголеми. На сите ќе им стане јасно: можно е да се нападне друга земја, да се окупира дел од неа, да се организира масакр таму и да се воспостави правото на сила на оваа територија со премолчена согласност на светот“, додаде советникот на Володимир Зеленски.
Михаил Подољак вели дека тоа ќе биде „голем пораз за западниот свет“ и „крај на сегашниот глобален безбедносен поредок“.
„Замрзнувањето на војната нема да стави крај на конфликтот и нема да го намали страдањето на украинскиот народ. Напротив, ако Москва ја задржи половина Украина и оди на пауза, ќе почне да се подготвува за следната рунда“, смета украинскиот функционер и додава дека Русија по промената на лидерите во клучните западни земји би започнала поголема , покрвава и подобро подготвена војна.
Тој вели дека во сегашната ситуација не може да има преговарачки процес и дека мора да се промени статус кво состојбата на бојното поле.
„Тоа значи повеќе оружје, проектили и авиони“, заклучи Михаил Подољак.