Главоболка од црвено вино: мит и вистина

Научните студии покажаа дека црвеното вино всушност предизвикува главоболки повеќе од другите видови алкохол, па дури и белото вино.

Овие главоболки може да се појават дури половина час по консумирањето само неколку чаши.

Оваа чудна состојба првпат доби кредибилитет во студија објавена во списанието „The Lancet“ во 1988 година.

Научниците побараа од испитаниците да пијат црвено вино или вотка (преправени да изгледаат исто) – во исти количини и со иста концентрација на алкохол – и открија дека црвеното вино има поголема веројатност да предизвика мигрена.

Триесет и пет години подоцна, „главоболката со црвено вино“ сè уште не е задоволително објаснета.

Истражувачите анализирале различни соединенија кои се уникатно присутни во црвеното вино, како што се сулфитите и хистаминот, за да видат дали тие се причина за овој проблем. Сепак, контролираните истражувања и индиректните докази ги ослободија, пренесува Телеграф.

Кверцетинот е виновен

Сега, двајца хемичари од Универзитетот во Калифорнија-Дејвис и невролог специјализиран за главоболки на Универзитетот во Калифорнија-Сан Франциско предложија нов виновник и обезбедија некои цврсти првични докази за да го поддржат нивното обвинение.

Тој виновник е кверцетинот. Присутно во различни овошја и зеленчук, како и во црвеното вино, флавоноидното соединение се смета за корисно, со антиинфламаторни својства.

Но, како што покажуваат авторите Апрамита Деви, Морис Левин и Ендру Вотерхаус во нивниот труд објавен во списанието Scientific Reports, кверцетинот консумиран во присуство на алкохол може да предизвика проблем.

За да се разложи алкохолот, телото прво го метаболизира во ацеталдехид, потоа во ацетат и на крајот во вода и јаглерод диоксид. Во крвотокот, кверцетинот се претвора во кверцетин глукуронид.

Триото покажа дека овој дериват го инхибира клучниот ензим наречен ALDH2, кој го претвора ацеталдехидот во ацетат. Ова предизвикува акумулација на ацеталдехид во телото, што може да предизвика несакани ефекти како гадење, црвенило на лицето и главоболки.

Објаснување за главоболките од црвено вино?

Истражувачите дополнително процениле дека пиењето црвено вино може да го забави метаболизмот на ацеталдехид за 37%. Луѓето чии тела не се ефикасни во метаболизирањето на алкохолот, кои се особено чувствителни на ефектите на ацеталдехид или кои веќе се склони кон мигрена или главоболки, веројатно ќе страдаат од главоболки од црвено вино.

„Се чини дека конечно сме на вистинскиот пат кон објаснување на оваа милениумска мистерија“, рече Левин во изјавата. „Следниот чекор е да се тестира кај луѓе кои ги имаат овие главоболки.

Левин и неговите колеги веќе планираат клиничко испитување на луѓе.

Следниот експеримент ќе вклучи субјекти кои пијат црвени вина со различни нивоа на кверцетин за да видат дали конзумирањето поголеми количини од соединението ја зголемува зачестеноста на главоболките.