Глобалното затоплување петкратно ја зголеми стапката на топење на глечерите на Гренланд во последните 20 години, соопштија научниците од Универзитетот во Копенхаген.
Топењето на мразот на Гренланд предизвикува особено загриженост бидејќи древната ледена покривка, доколку целосно се стопи, има доволно вода за да го подигне нивото на морето за најмалку шест метри, објави Ројтерс.
Студијата на илјада глечери во областа покажа дека стапката на топење влезе во нова фаза во последните две децении, рече Андерс Анкер Бјорк, доцент на Катедрата за геонаука и управување со природни ресурси на Универзитетот во Копенхаген.
– Постои многу јасна корелација помеѓу температурата што ја доживуваме на планетата и промените што ги набљудуваме во тоа колку брзо се топат глечерите – изјави Бјорк.
Глечерите се намалуваат во просек за 25 метри годишно, во споредба со пет до шест метри пред околу две децении, заклучија научниците по проучувањето на развојот на глечерот во текот на 130 години преку сателитски снимки и 200.000 стари фотографии.
Како што посочија научниците од ЕУ претходно овој месец, светот веќе се загреал за речиси 1,2 степени Целзиусови над прединдустриските температури, а веќе е практично сигурно дека 2023 година ќе биде најтоплата во последните 125.000 години.
Намалувањето на температурите ќе бара светско единство во напорите за минимизирање на стакленички гасови во атмосферата.
– Верувам дека можеме да се подготвиме за тие глечери да продолжат да се топат со зголемена брзина – изјави директорот на Климатскиот институт во Архус, Јорген Еивинд Олесен.
Глечерите на Гренланд често се користат за предвидување на ефектите од климатските промени на ледената покривка на најголемиот остров во светот.
– Ако почнеме да сфаќаме дека глечерите губат маса неколку пати побрзо отколку во минатиот век, тоа може да нè наведе да очекуваме дека ледената покривка ќе го следи истиот пат само на побавен и подолг временски размер – рече виш истражувач од Геолошкиот институт. Вилијам Колган.
Истражувањата велат дека ледената покривка на Гренланд придонела за 17,3 отсто од порастот на нивото на морето помеѓу 2006 и 2018 година, а околу 22.000 глечери на островот учествувале со 21 отсто.