Годишниот промет на дрога во Европската унија е вреден 31 милијарда евра, се наведува во извештајот на Европол и Европскиот центар за следење на дрога и зависност од дрога.
Според извештајот, дрогата со која најмногу се тргува во ЕУ е канабисот со вредност од 12 милијарди евра годишно, а потоа следи кокаинот со околу 11,6 милијарди, пренесува Хина.
Се посилно е влијанието на меѓународната трговија со дрога врз животот во европските земји, предупредуваат авторите на извештајот.
Насилството, корупцијата и поткопувањето на правото и демократијата се во пораст, изјави шефицата на Европол Кетрин Де Боле во Хаг.
„Криминалните мрежи го заразија јадрото на нашите заедници, проткајувајќи ја структурата на нашата демократија и економија. Тие ја нагризуваат довербата, поттикнуваат насилство и создаваат циклуси на зависност и сиромаштија“, додаде таа.
Според неа, потребен е внимателен и единствен одговор за да се заштитат граѓаните и општеството од сеприсутното влијание на тој невидлив непријател.
„Истражителите идентификуваа околу 800 криминални групи кои ја загрозуваат безбедноста на земјите“, рече Де Боле, додавајќи дека дрогата е еден од главните извори на приход за организираниот криминал.
Според извештајот, Европа е клучна за производство, снабдување и трговија со дрога.
Експертите нагласуваат дека во Европа има големо производство на канабис и синтетички дроги, како и големи количини на кокаин шверцуван од Латинска Америка.
Иако во изминатите 10 години е запленет многу повеќе кокаин отколку порано, тоа доведе до поголемо насилство во некои градови, рече Де Боле, предупредувајќи дека конфликтите меѓу бандите се во пораст.