Европската унија ќе продолжи да обезбедува и да ја зголемува финансиската помош за Украина без оглед на тоа што се случува во Соединетите Американски Држави, бидејќи смета дека конфликтот во оваа земја е егзистенцијална закана само по себе, порача првиот човек на европската дипломатија, Жозеп Борел на прес-конференција за време на неговата посета на Киев.
Тој, исто така, ја увери украинската страна дека помошта од ЕУ не зависи од резултатите од офанзивата на вооружените сили на Украина, признавајќи дека е тешко поради руските утврдувања.
Жозеп Борел нагласи дека, за да продолжи со борбените операции, Европската унија само од почетокот на оваа година ѝ предала на Украина 300.000 гранати од калибар 155 mm и 2.600 ракети. Тој вети дека ЕУ ќе продолжи да го зголемува производството на муниција за Украина.
Поради проблеми со буџетот во САД, двата дома на американскиот парламент претходно го одобрија, а потоа и американскиот претседател Џо Бајден го потпиша законот за продолжување на финансирањето на сојузната Влада за 45 дена, односно до 17. ноември. Документот не вклучува помош за Украина.
Сепак, Џо Бајден оттогаш изјави дека, и покрај овој закон, американската помош за Киев нема да заврши.