На Москва и требаа 12 часа да реагира на минатонеделната експлозија во ‘срцето’ на Кремљ односно палатата на Владимир Путин. Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, поминале толку многу часови бидејќи на истражителите им било потребно време да утврдат што точно се случило. Пропагандистите на режимот тој ден работеа прекувремено. Пред „Денот на победата“, 9. мај, традиционалната прослава на победата на Советскиот Сојуз над нацистите која стана симбол на руската инвазија на Украина, Кремљ тврди дека моментално се бори со моќен и злобен непријател, пишува еминентниот весник Politico.
Ваквиот наратив се промовира од две причини – Москва мора да објасни зошто не ја победи Украина по 14 месеци војна и да ги убеди Русите дека нивните животи нема значително да се сменат. Сепак, серија мистериозни инциденти, вклучително и експлозијата во Кремљ минатата среда, покажуваат дека силната фасада на Русија покажува знаци на пукање. Дека на Кремљ му е се потешко постојано да глуми непогрешлив моќник, говори и фактот што некои настани што требаше да се одржат во рамките на прославата на „Денот на победата“ беа откажани ‘без причина’.
Москва ја опиша експлозијата што се случи во средата во 02:00 часот по полноќ како обид на „киевскиот режим“ да го убие рускиот претседател Владимир Путин. Кога гласноговорникот на рускиот режим и се обрати на јавноста во средата рано попладне, кажа дека Русија има право да реагира на обидот за атентат „како и кога сака“.
Подоцна беше објавено дека Владимир Путин во тој момент не бил во Крем. Во четвртокот Москва ги обвини и Соединетите Американски Држави за експлозијата.
„Ние многу добро знаеме дека одлуките за такви акти, такви терористички напади, не се носат во Киев, туку во Вашингтон“, нагласи Дмитриј Песков минатиот четврток.
Властите во Киев и Вашингтон соопштија дека немаат никаква врска со експлозијата во ‘срцето’ на Кремљ.
По таа експлозија, кревкиот мир во руското општество неодамна беше нарушен со напад со автомобил-бомба што се случи во регионот Нижни Новгород во саботата, во кој беше ранет истакнатиот 47-годишен руски националистички писател Захар Прилепин, односно неговиот автомобил излетал од коловозот, а потоа следуваа и најмалку два пожари во складишта за гориво на полуостровот Крим. Сите овие инциденти Кремљ се обиде да ги стави под тепих. Фактот дека Кремљ спремно го впери прстот кон САД во случајот со наводниот обид за атентат врз Владимир Путин, сугерира дека Русите треба да го забележат и да го запомнат овој инцидент. Сепак, што ќе постигне тоа ?
Како што може да се очекува, главните актери на Кремљ ќе бараат одмазда. Поранешниот руски претседател и прв човек на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, побара „физичка елиминација“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Можеби работите навистина ќе започнат сега“, изјави главниот уредник на руската државна телевизија Russia Today, Маргарита Симонјан. Сепак, вестите на руската државна телевизија не ја емитуваа снимка од експлозијата над Кремљ. Наместо тоа, на дневен ред беа вообичаените закани кон Западот.
Весникот Politico објави дека експлозијата се уште е покриена со тајност.
Кремљ е една од најдобро заштитените локации во Русија и неговата одбрана се смета за практично непробојна. Згора на тоа, познато е дека поголемиот дел од деновите Владимир Путин ги поминува на други локации. Поради ова, многумина мислеа дека експлозијата всушност е дело на руските безбедносни служби. Можно е наводниот атентат на Владимир Путин да е дел од борбата на конфликтните фракции во безбедносниот апарат, а некои веруваат дека имало намера да му сигнализира на Западот дека треба да престанат да испраќаат оружје во Украина бидејќи наводно ќе се користат за напади на руска територија.
Нападот на Кремљ не беше само физички. Пред инвазијата на Украина, Владимир Путин токму на ова место се сретна со своите советници за безбедност, а оваа симболика е многу голема.
Без оглед на тоа кој стои зад експлозијата, таа најверојатно нема да доведе до стегање на редовите во руското општество, но ќе доведе многумина да се запрашаат колку Кремљ навистина е безбеден.
Експлозијата над Кремљ се споредува со подвигот на 19-годишниот Германец Матијас Руст, кој на 28. мај 1987 година слета со Reims Cessna F172P на мостот „Бољшој Москворецки“ во близина на „Црвениот плоштад“ во Москва. Тоа беше голем срам за тогашниот претседател на СССР, Михаил Горбачов, кој разреши голем број претставници на одбраната по инцидентот.
Експлозијата ќе и отежне на Русија да го прослави „Денот на победата“, прославата на советскиот триумф над нацистичка Германија, која традиционално се одржува на 9. мај секоја година.
Воените паради кои требаше да се одржат во десетици руски градови беа откажани бидејќи како што велат тамошните власти – „не сакаме да го испровоцираме непријателот“. Откажан е и настанот „Полкот на бесмртните“, популарна поворка во која потомците на борците од Втората светска војна ги носат своите фотографии. Некои места се откажаа и од специјалниот огномет. Горенаведените промени се меч со две острици – Кремљ би сакал Русите да ги толкуваат како потврда дека војуваат против „терористите“, но аналитичарот Абас Гаљамов смета дека откажувањето на парадата ќе испрати порака дека ситуацијата во Украина не оди онака како што би сакала Русија. Иако откажувањето на масовните собири недалеку од украинското бојно поле секако има смисла, нема смисла да се откаже некој настан во Сибир. Дополнително, некои се прашуваат дали руските градови имаат доволно механизација и луѓе за да организираат паради. Покрај тоа, Кремљ секако би сакал да избегне поворка во која роднините на руските борци кои загинаа во Украина ги покажуваат своите фотографии на улиците.
Како што сега стојат работите, централната парада што треба да се одржи во Москва и да се емитува на руската државна телевизија се уште не е откажана, но тоа не значи дека ситуацијата во главниот град на Русија не е тензична.
Јавноста веќе две недели не може да оди на „Црвениот плоштад“, ниту на улиците околу него.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, по експлозијата над Кремљ ја забрани употребата на дронови, а истото го направија и многу други руски региони. Освен тоа, московјаните веќе со денови имаат проблеми со ГПС уредите на нивните мобилни телефони.
Многу ќе зависи и од Владимир Путин. По повод „Денот на победата“, рускиот претседател треба да и се обрати на јавноста, а оваа манифестација е една од ретките случаи кога точно се знае каде тој се наоѓа во моментот. Некои велат дека поради експлозијата може да ја пропушти централната парада и да се обрати преку видео врска. Поради моменталната психолошка состојба на нацијата, Кремљ не може да си го дозволи тоа. Штетата што би ја предизвикало отсуството на Владимир Путин би била огромна.
Во исто време, самиот факт што се поставува прашањето дали му е дозволено на рускиот претседател да се појави во центарот на Москва ќе одекне погласно од чизмите на 10 илјади руски војници кои ќе влезат на „Црвениот плоштад“.