Претседателската кампања на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, соопшти дека собрала седум милиони долари откако тој беше обвинет минатата недела, бидејќи неговата порака за политички прогон продолжува да одекнува кај тврдокорните поддржувачи.
„Претседателот Доналд Трамп собра повеќе од 6,6 милиони долари откако ‘полудениот’ Џек Смит најави политичко гонење“, се вели во пораката од тимот на Доланд Трамп во е-пошта до поддржувачите во средата, мислејќи на американскиот адвокат кој го обвинува.
Повеќе од 4,5 милиони долари биле собрани од дигитално собирање средства, додека 2,1 милиони долари биле собрани од настан за собирање средства во вторникот во клубот „Бедминстер“ на Доналд Трамп во Њу Џерси.
Портпаролот на Доналд Трамп, кој е фаворит за републиканската претседателска номинација во 2024 година, подоцна изјави за медиумската агенција Reuters дека собирањето средства надминало седум милиони долари откако било објавено обвинението во четвртокот.
Доналд Трамп е обвинет за незаконско задржување доверливи владини документи откако ја напуштил Белата куќа и за заговор и попречување на федералната истрага за ова прашање.
Доналд Трамп во вторникот пред судот се изјасни за невин по обвиненијата.
Тој се обиде да ги оквалификува обвинувањата како напад предводен од демократите за да го исфрли од претседателската трка, на крајот дизајниран да им наштети на републиканците, од кои 30 отсто се сметаат за цврсти поддржувачи на Доналд Трамп.
Анкетата на Reuters покажува како функционира стратегијата на Доналд Трамп – големо мнозинство републиканци, околу 81 отсто, веруваат дека обвиненијата се политички мотивирани.
Исто така, има зголемување на собраните средства поради наводите во случајот со мито исплатен на порно ѕвезда. Откако во март беше објавена веста дека Доналд Трамп ќе биде обвинет, неговата кампања собра седум милиони долари за три дена, тврди високиот советник Џејсон Милер.
Според неодамнешниот извештај на Reuters, група поврзана со кандидатурата на Доналд Трамп за републиканска номинација поставува рекорди за политички трошоци на почетокот на претседателската кампања, бидејќи Доналд Трамп се обидува да го надмине својот најблизок ривал, гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис.