ГОЛЕМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ВО АЛБАНИЈА – Повеќе од 230 лица се уапсени под сомнение дека продавале дрога во близина на училиштата

Властите во Албанија претходниот ден уапсија 233 лица во рамки на акцијата против дистрибуција на дрога. Според нивните изјави, се трага по уште 82 лица, само вчера биле одобрени решенија за претрес на 356 објекти.

Според директорот на државната полиција, Мухамет Румбулаку, во рамките на оваа акција биле погодени 23 криминални групи.

Дваесет и три криминални групи вклучени во дистрибуција на наркотици во близина на училишта во простории и станбени блокови беа погодени во рамките на акцијата со кодно име ‘Темпули‘. Станува збор за наркотици како кокаин, хероин, канабис, а има и огнено оружје и ладно оружје. Акцијата беше проширена во Тирана, Драч, Корча, Елбасан и Валона“, изјавил тој. 

Според албанските медиуми, операцијата била спроведена истовремено во неколку градови.

Министерот за внатрешни работи на Албанија, Таулант Баља, го оцени застрашувачкиот податок дека се поголем број млади луѓе користат опојни материи.

Употребата на дрога кај младите се зголемува, а се намалува и возраста на оние кои прв пат употребуваат дроги, почнувајќи од училиште. Зголемена е и употребата на синтетички дроги. И денеска при полициската акција беше откриена дрога која претходно ни беше непозната во Албанија. Ова е еден вид аларм за институциите. Родителите и општеството мора заедно да реагираат“, порачал министерот.

Таулант Баља најави нов план за безбедносни мерки во училиштата. Според него, Министерството за внатрешни работи на Албанија е посветено да ја продолжи оваа борба. Тој побара институциите, училиштата, семејствата и граѓанското општество да се здружат во превенцијата од употребата на дроги.

Албанијадрогаполициска акција