Во Солун се во тек големи градежни работи на проектот “Flyover” кој се изведува на обиколницата околу околу вториот по големина грчки град (т.н. Периферијакос) и ќе трае четири години. Промените кои со овој проект се прават на најголемиот автопат во Грција ќе ги погодат македонските туристи кои во наредните сезони планираат да летуваат во овој дел на Грција.
Во екот на летната сезона, самата обиколница околу Солун е преполна со возила, а оние кои случајно ќе залутаат низ центарот на овој град, од него „излегуваат“ од него со часови! Сега, кога целиот сообраќај е пренасочен кон центарот, не можеме ни да замислиме тоа како ќе изгледа.
Мицотакис: Бараме разбирање и трпение
Премиерот Кирјакос Мицотакис, најавувајќи го “Flyover” како најголем грчки проект во последно време, побара разбирање и трпение од граѓаните за непријатностите што ќе ги донесат градежните работи.
– Во ноември почна да се гради најголемиот автопат во Грција. Да, ќе донесе некои непријатности, но за тоа разговаравме со градските власти и во соработка со Управата за сообраќај, Солун конечно ќе добие нешто што му недостига – нагласи Мицотакис.
Како што им пренесе на своите следбеници на Фејсбук и Инстаграм групата Грчка инфо, гужвите на обиколницата поради работите веќе почнаа, а се очекува да бидат значително поголеми како што наближува летото.
Гужвата на обиколницата започна сериозно, така што ќе ни треба малку повеќе трпение во текот на летото, особено за туристите кои ќе летуваат на Халкидики (Тука не се брои Атос, бидејќи може да се стигне по друг пат), како и за останатите кои планираат да го посетат Солун за време на одморот – наведуваат тие во своето соопштение.
Според нив, улицата „Игнација“ конечно е расчистена и на неа нема повеќе работи, па сите коловозни ленти ќе бидат слободни. Исто така на улицата Цимиски и авенијата Никис (која се протега покрај морето до плоштадот Аристотел и Белата кула), а полицијата постојано дежура и им забранува на автомобилите да застанат за да се забрза сообраќајот.
Значи, алтернативата на обиколницата ќе биде да поминувате низ центарот на градот, покрај морето, како и досега , а читајќи ги вашите коментари гледаме дека многумина од вас патувале исклучиво по улицата покрај морето до Халкидики – се наведува во оваа Фејсбук група.
Избегнувајте го шпицот по секоја цена
Според информациите што Грција Инфо ги доби од своите колеги од Грција, важно е да се знае дека поминувањето низ обиколницата треба да се избегнува за време на шпицот – наутро помеѓу 7 и 10:30 часот и попладне од 15 до 19 часот.
Инаку, проектот Flyover ќе обезбеди подобро поврзување на источниот дел на Солун со јужниот дел, аеродромот, автопатот Егнатиа и Халкидики. Ќе се работи на реконструкција, проширување на постојниот пат, изградба на 13 километри нов пат, девет клучки, 10 надвозници и три нови тунели.