Во Србија денес се очекуваат протести организирани од студентското движење и граѓаните кои повикаа на мобилизација против полициската бруталност. Тие ги замолија граѓаните да се приклучат во блокирањето на главните градови во земјата – Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац, а овие протести се одржуваат веќе некое време во Србија.
Според организаторите, протестот е одговор на зголеменото насилство од страна на властите и партијата на Александар Вучиќ и повик за правда, како и почитување на граѓанските права, јавуваат српските медиуми.
Во меѓувреме, српскиот претседател Вучиќ им се обрати на граѓаните со порака на Инстаграм, повикувајќи ги да не учествуваат во најавените блокади, кои ги опиша како „форма на насилство“.
„Државата не може и не смее да дозволи таков облик на насилство“, рече Вучиќ, реагирајќи на предупредувањата за целосна блокада на сообраќајот во неколку градови од почетокот на јули.
„Кога некој го блокира градот, им забранува на луѓето да одат на работа, дома или кај роднините – ова не е мирен протест. Ова е насилство против државата и против народот“, нагласи тој.
Вучиќ додаде дека протестот е загарантирано право, но дека блокирањето на патиштата ја нарушува слободата на движење и јавната безбедност. „Слободата на една личност завршува таму каде што започнува насилството врз друга“, рече тој.
Од друга страна, протестите против Вучиќ траат во Србија веќе со месеци , и се чини дека тие ќе добијат уште поголем интензитет.