Манчестер Јунајтед го претстави првото големо засилување за следната сезона, а тоа е Матеус Куња од Вулверхемптон Вондерерс.
Бразилскиот напаѓач, кој се етаблираше како еден од најдобрите напаѓачи во Премиер лигата и важен фактор во бразилската репрезентација, пристигна за сума од околу 75 милиони евра.
Куња се врати од паузата за репрезентативни натпревари и пристигна утрово за потпишувањето на договорот и презентацијата. На презентацијата, тој рече дека во текот на неговото тешко детство, само неговата баба имала телевизор и дека го гледале Манчестер Јунајтед во нејзината куќа и навивале за него.
„Тешко е да се опишат со зборови моите чувства за тоа како станав играч на Манчестер Јунајтед. Уште од дете во Бразил, одевме кај баба ми за да гледаме натпревари од Премиер лигата на телевизија, навивав за Јунајтед и сонував да го носам дресот на овој клуб. Сакам да им се заблагодарам на моето семејство и на сите што ми помогнаа да го остварам мојот сон“, рече Куња на презентацијата.
Тој вели дека е фокусиран на враќање на Манчестер Јунајтед на врвот на англискиот фудбал.
Спортскиот директор на Манчестер Јунајтед, Џејсон Вилкокс, изјави дека доведувањето на Матеус Куња е врвен приоритет на почетокот на летото.
Куња постигна 33 гола и имаше 15 асистенции на 90 натпревари за Вулверхемптон, а минатата сезона постигна и 15 гола во Премиер лигата.