Со победнички шпалир приреден од Р.К. Тиквеш и со аплауз од генерацијата битолски ракометари кои пред 18 години беа македонски шампиони, вечерва во Битола беше прославена победата и првото место на Р.К. Еурофарм Пелистер во годинешното ракометно првенство.
Иако резултатот од натпреварот меѓу битолчани и гостите од Кавадарци беше во втор план, сепак ракометарите не пропуштија пред полна сала уште еднаш да ги покажат своите вештини, талент и ракометно знаење кое со аплауз беше наградено од публиката која ја поздрави победата на домашниот тим од 35:26.
Славјето во Битола почна со последниот свиреж на судиите Божиновски и Начевски кои вечерва немаа тешка задача затоа што двата тима играа фер и коректно, а најдобар впечаток оставија репрезентативците Костески и Атанасиевиќ во тимот на Еурофарм Пелистер и Петровиќ во тимот на Тиквеш.
Пехарот на македонската ракометна федерација повторно по 18 години е во Битола и токму затоа вечерва на плоштадот „Магнолија“ навивачите и ракометарите, управата на Еурофарм Пелистер и локалната самоуправа слават, но и ќе треба да се подготват за успешен настап во лигата на европските ракометни шампиони.