Стотици луѓе загинаа во поплавите во Авганистан предизвикани од обилните сезонски дождови, а голем број се повредени, изјави денеска главниот портпарол на талибанската влада Забихула Муџахид, без да прецизира точни бројки.
Муџахид на платформата X напиша дека провинциите Бадакшан, Баглан, Гор и Херат биле најтешко погодени од поплавите.
Тој изјави дека владата нареди мобилизирање на сите расположливи ресурси за спасување на луѓе, транспорт на повредени и извлекување на телата на загинатите.
Министерството за одбрана на Талибанците денеска соопшти дека воздухопловните сили на земјата веќе почнале да ги евакуираат луѓето во провинцијата Баглан и досега спасиле голем број луѓе и транспортирале стотици повредени во воените болници во регионот, пренесе АП.
Поплавите го погодија претежно северен Авганистан , а властите соопштија дека најмалку 50 луѓе, главно жени и деца, загинале во северната провинција Баглан во петокот, а имотот бил уништен во неколку области.
Во соседната провинција Тахар, најмалку 20 лица загинаа во поплавите, објавија државните медиуми.
Шефот на одделот за управување со природни катастрофи во Баглан, Хедајатула Хамдард, рече дека бројот на жртвите може да се зголеми во наредните денови.
Персоналот на итната помош се уште трага по можни жртви под калта и урнатините, со помош на безбедносните сили, изјави Хамдард, а пренесува „Гардијан“.
Северната провинција Баглан е една од најтешко погодените, со повеќе од 300 загинати и илјадници куќи уништени или оштетени, според VFP.
– Според досегашните информации, во провинцијата Баглан има 311 загинати, 2.011 уништени куќи и 2.800 оштетени куќи – изјави Рана Дераз, офицер за комуникации на оваа агенција на ОН во Авганистан.
Има несогласувања меѓу бројот на загинати пријавени од властите и хуманитарните агенции.
Агенцијата за миграција на ОН соопшти дека во Баглан биле регистрирани 218 смртни случаи, додека администрацијата на Талибанците регистрирала 153.