Голем ден за Сирија, Трамп ги укинува сите санкции: „Среќно, време е да блеснат“

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека ќе ги укине сите санкции против Сирија, велејќи дека тие имаат важна функција, но дека сега е време земјата да продолжи напред.

„Ќе наредам укинување на санкциите врз Сирија за да им дадам шанса за големи работи. Дојде нивното време да блеснат. Ги укинуваме сите санкции. Среќно Сирија, покажи ни нешто посебно“, рече Трамп.

По падот на режимот на Башар ал-Асад, многу европски и светски земји повторно ги отворија своите амбасади во Сирија. Во меѓувреме, новата сириска влада ги либерализира правилата за граѓаните, вклучително и укинувањето на сите забрани за патување издадени од режимот на Ал-Асад.

Претходно, Американците укинаа некои ограничувања за Сирија во јануари, но првенствено за да може да се достави хуманитарна помош во земјата.

Патем, во април, Велика Британија ги укина и санкциите против владините служби и медиумите во Сирија. Претходно беа воведени санкции против оние кои ја поддржуваа репресивната власт на Асад и помагаа во насилното потиснување на цивилите и ширењето на дезинформации.

„Сирискиот народ заслужува шанса да ја обнови својата земја и економија, а стабилна Сирија е во национален интерес на Велика Британија“, изјави Хамиш Фалконер, секретар за Блискиот Исток.

Новата влада во Дамаск продолжува да инсистира на укинување на строгите санкции што западните земји ги воведоа врз владата на Асад.