Пожар избувна пред стадионот „Етихад“ неколку часа пред почетокот на натпреварот од Лигата на шампионите меѓу Манчестер Сити и Клуб Бриж.
Загрижувачки вести пристигнуваат од Англија, во пресрет на вечерашниот натпревар помеѓу Манчестер Сити и Бриж во рамките на осмото коло од Лигата на шампионите.
Според информациите на британските медиуми, пожарот избувнал на штанд за бургери, кој наеднаш се запалил. Сепак, други тврдат дека пожарот настанал во тезга на која се продавале дресови.
Противпожарните екипи веднаш реагирале. Редарите евакуирале одреден број навивачи од загрозеното подрачје.
Манчестер Сити се огласи со кратко соопштение.
„Можеме да потврдиме дека избувнал пожар пред продавница за навивачи лоцирана во близина на влезот на западната трибина Колин Бел.
Службите за итна помош се на терен, пожарот е изгаснат. „Безбедноста на сите присутни на вечерашниот натпревар е наш приоритет број еден и како резултат на тоа, сите настани што планиравме да ги одржиме на западната трибина се откажани, вклучително и претставувањето на новите играчи кои пристигнаа во клубот“, соопшти Сити.
Сити мора да победи доколку сака да напредува. Моментално се на 25. позиција со осум бода – два помалку од Бенфика, Пари Сен Жермен, Штутгарт и Спортинг.